Ги уништивме бубачките и мува не нè лази

Некои од нас паметат времиња кога после возење по автопат, предната маска, фаровите и шофершајбната од автомобилот не можеше да ги исчистиш од мртвата армија бубачки и инсекти кои се потепале по пат. Сте забележале дека во последно време ги нема? Е па, ги нема.

Кога Господ го правел живиот свет на Земјава, изгледа посебен мерак им има удрено на инсектите. Ги има склепано околу 10 милиони различни видови, што прави нивниот свет да е за 2.000 пати поразновиден и побогат од оној на цицачите.

Технички, терминот бубачка се однесува само на оние од редот Хемиптера. Ама па само нив ги има околу 80.000 различни варијации. Оние инсекти кои мислиме дека најдобро ги знаеме, всушност и не ги познаваме. Постојат околу 12.000 видови мравки и околу 20.000 видови оси. На еден квадратен метар добра земја, во слој од 5 сантиметри, можат да живеат и до 200 уникатни видови грини (артроподи) и секоја од нив да има своја башка улога и задача.

Њујорк тајмс за нивната актуелна ситуација на планетава пишува со драматичен наслов: „Апокалипсата на инсектите е тука.“ Само за пример, една од најубавите и најпознати пеперутки на светот, Монарх пеперутката, на територијата на САД е истребена за 90% во последниве 20 години. Тоа е загуба од 900 милиони индивидуални примероци.

Прецизни глобални проценки не можат да се прават бидејќи недостасуваат точни податоци од минатото. А во игра е и феноменот наречен „промена на базичната линија“. Со секоја генерација, расте степенот на уништувањето на природната околина па сепак, секоја генерација го смета она што го затекнала како норма. Биологот Лорен Мекленахeн тоа уверливо го опиша преку серија фотографии со рибари собирани со децении на доковите во Флорида. Уловените риби стануваат сè помали и помали а насмевката и гордоста на рибарите останува иста. На крај се сликаат со „трофеен “улов кој пред 10-тина години би се сметал за смешен. Ама тие задоволни бидејќи поголема немаат фатено.

Алармот на оваа тема први го вклучија германски ентомолози кои врз основа на мерења на биомаса утврдија дека од 1990 се исчезнати три четвртини од инсектите во Германија. Подоцна Порторико објави дека кај нив нема 95% од инсектите кои ги имале во 1997 година.

Од светот на инсектите се одушевуваат генерации и генерации научници но и ентузијасти. Дарвин го има напуштено школувањето во Кембриџ за да собира бубачки (кога рацете му биле преполни, остатокот од нив ги чувал во уста). Владимир Набоков бил исмеван поради неговите теории за еволуцијата на сината пеперутка (Polyommatus) за ДНК анализи да ги потврдат неговите теории 30 години после неговата смрт.

Наспроти сета оваа љубов и труд околу инсектите и бубачките, да се забележат, класифицираат и истражат, се проценува дека на човекот во моментов му се познати само 20% од вкупниот спектар на инсекти во светов. А нивниот проблем не е само нивен, бидејќи тие се неверојатно важна алка во ланецот на исхрана. Ај што е утврдено дека 8 од 10 птици во Франција веќе ги имаат напуштено своите традиционални живеалишта туку и слатко од смокви ќе немаме.

12 декември 2018 - 21:56