Транс-правата како пречка за стручни совети

Училишни советници (педагози) и останати професионалци за ментално здравје пазат што зборуваат и не се искажуваат целосно пред малолетни пациенти со дилеми околу полот во кој се родени, од страв дека ќе бидат етикетирани како „трансфоби“.

Голем број британски експерти „живеат во страв да не бидат етикетирани како трансфоби“ што влијае на објективноста на нивниот совет, тврди психотерапевтот Маркус Еванс, кој раководеше со Сервисот за развој на родов идентитет (Gender Identity Development Service - GIDS), единствената клиника на британското државно здравство која дава родови совети и транзиционирање.

„Верувам дека транс политичката агенда е навлезена во клиничката средина околу и во Сервисот за развој на родов идентитет.

На младите им треба независен клинички сервис што ќе се грижи за долгорочните интереси на пациентите. Донекаде, ова значи и имање капацитет за спротивставување на притисоците кои доаѓаат од најразлични извори: од младиот човек, нивното семејство, врсници, он-лајн и социјални мрежи и од крајно политизираните про-транс групи,“ порачува Еванс.

Од 468 деца во 2013, во 2018 бројот на деца кои се обратиле на ГИДС расте на 2.519. Во студија што Еванс ја презентира на почетокот од годинава, тој го наведува примерот на „Дагни“, жена која во тинејџерските години се идентификува како транс маж, и која сега се има решено да де-транзиционира. Дагни тврди дека била под влијание на ставови изразени на Тамблр.

„Едно од нездравите верувања што ги имав е дека ако имаш родова дисфорија, мораш да правиш транзиција. А секој што изгледаше дека сака да ме спречи беше трансфоб - алт-десничарски фанатик,“ сведочи Дагни.

Откако во февруари годинава е обвинет од свои поранешни колеги за „несоодветни проценки“ и избрзување во работата со пациенти, Еванс поднесува оставка на водечкото место во трустот одговорен за ГИДС. Подоцна се покажува дека обвиненијата против него се неточни и неиздржани.

По оставката, Еванс во повеќе наврати алармира дека „дебатата околу транзиционирањето е задушена од вокално малцинство“:

Умот што е слободен да размислува и да ги поставува тешките прашања се смета за вистинска закана; ТВ продуцентите и новинарите постојано повторуваат дека иако луѓето се волни пред нив да зборуваат за својата загриженост околу третманот во овие области, тие одбиваат да бидат именувани од страв дека ќе бидат обвинети за фанатизам и трансфобија, а во одредени случаи се прекорени, па дури и казнети за тоа што го кажале.“

29 јули 2019 - 14:29