Дали никотинот е штетен?

Џул е нова налик УСБ стик електронска цигара која достигна неочекувани нивоа на популарност на американскиот пазар, и, заради својот дизајн, изглед и ним разбирливи причини, има посебен успех кај малолетната публика, што е основа за Верџ да направи една ревизија на никотинот како супстанца.

Верџ пишува за случајот со тинејџер од Њујорк кој станува толку зависен од Џул, што неговите родители го запишуваат во друго училиште и барат тој да биде следен кога оди во тоалет за да го проверуваат дали пуши Џул (за што има и „стручен термин“ - џулинг...).

Вајард има сторија за групната тужба во која 10 лица, меѓу кои некои и на возраст од 14 години, го обвинуваат производителот за „создавање погрешна претстава околу изложеноста на никотин што производот го создава и поврзаните ризици од зависност и злоупотреба што потекнуваат од тоа.“

Од Џул објаснуваат дека производот не се рекламира на малолетници и дека на него има јасно предупредување дека тој е само за возрасни.

Она што Верџ сака да го провери е колку е штетен никотинот.

Професорката по право од Универзитетот Мериленд, чија специјалност е јавното здравје, Кетлин Хок, објаснува дека кај возрасни здравствените последици од никотинот: „нема да те убијат, не прават да влечеш боца со кислород, ниту пак предизвикуваат рак.“ Според нејзе тужба која се базира на здравственото влијание на никотинот - по примерот на тужбите против цигари - не е баш најиздржана.

„Тоа нема да биде основата на добивање на случајот против Џул или други производители на е-цигари, бидејќи здравствените последици не се толку големи,“ објаснува Хок.

Ова никако не значи дека никотинот не е опасен - „посебно за млади луѓе чиј мозок се уште се развива.“ Никотинот може да биде ризичен и во бременост. Кога се во прашање срцеви заболувања, за сега, ставот е дека опасноста што доаѓа од никотинот сам по себе „е ниска споредена со пушењето цигари, ама и понатаму е проблем за луѓето со кардиоваскуларни болести.“

Она што е проблем со никотинот е што тој ја создава неверојатна зависноста кон пушењето, што значи изложување на мешавината од хемикалии во чадот од цигарата меѓу кои и 250 за кои документирано се знае дека се штетни за човекот, како тешки метали, јаглерод-моноксид и цијановодородна киселина.

„Науката околу никотинот и срцевите проблеми не е толку јасна. Околу 40% од смртните случаи поврзани со пушење се од кардиоваскуларни болести. Иако никотинот прави вашето срце привремено да забрза и го крева крвниот притисок, не-никотинските состојки во чадот од цигара се смета да ги оштетуваат и укрутуваат крвните садови,“ објаснува кардиологот од медицинскиот центар на УКЛА, Холи Мидлкоф.

Авторот на текстот во Верџ, повторува една изрека од 1970-те од научниците што го истражуваат тутунот и пушењето „луѓето пушат заради никотинот, ама умираат од катранот“.

Токму зависноста е една од основите наведени во тужбите против Џул, каде еден од тужителите наведува дека нејзиното дете не може да се оттргне од Џул на подолго време, пред „да му се врати она што тој го наведува како ’потреба’ која станува толку силна што тој не може да избегне да повлече дим иако тој ќе биде казнет за тоа и дома и на училиште.“

Според официјалните американски државни статистики 90% од пушачите прв пат запалиле цигара до 18-годишна возраст.

14 август 2018 - 12:32