Во пресол и човек трае подолго

Звучи како ес-еф или како вест што лесно би можела да се најде „на дното“. Но со оглед на тоа што доаѓа од сериозниот Њу Сајентист, а и поучени од ситуации во кои сме биле „малку умрени“ па пак колку-толку сме се спасиле, сепак веруваме дека ова е можно.

Техниката официјално се вика EPR (Emergency Preservation and Resuscitation) и во моментов се применува на пациенти кои пристигнуваат во медицинскиот центар на Универзитетот Мериленд во Балтимор со акутна траума - на пример прострелна рана или убод од нож - и се во животнозагрозувачка ситуација. Срцето им е запрено и имаат загубено повеќе од половина од својата крв. Треба да бидат оперирани за неколку минути, а шансата за преживување им е помала од 5%.

За да се добие на време, тие се ладат на 10-15 степени, а целата нивна крв се заменува со мраз студен солен раствор. Мозочната активност на пациентот речиси целосно запира. Откако сè ќе биде подготвено, нивното тело - кое инаку би требало веќе да се води како мртво - се дисконектира од системот за ладење и се пренесува во операционата сала. На оперативниот тим му стојат на располагање 2 часа за да ги санираат повредите пред пациентот повторно да биде стоплен, а неговото срце повторно активирано.

Тимот кој сега успеал ова да го направи со најмалку еден пациент го опишува целиот процес како „малку надреален“. Подетални информации за резултатите се најавени до крајот на 2020, а тие ќе вклучат споредба на стапката на преживување на оние кои ќе минат низ „одложена анимација“ со онаа на пациенти кои пристигнале во исто така тешка состојба во болницата, но кои таму не го затекнале вистинскиот тим кој можел да им помогне. Стандардната процедура на добивање согласност од пациентот за ваквата постапка во случајов нема да важи, бидејќи станува збор за повреди кои се потенцијално фатални и за кои нема алтернативен третман. Тимот кој ја изведува оваа експериментална процедура претходно одржал средби со локалната заедница и објавил платени соопштенија во весници опишувајќи ги деталите.

Првични истражувања со прасиња со акутна траума покажале дека тие можат да бидат ладени во рок од 3 часа, а во меѓувреме „сошиени“ и оживеани. Сега дошло време истото да се проба и на луѓе.

20 ноември 2019 - 22:07