Хитлер да победеше, Шабан ќе беше жив

Добро, може и не баш. Пејачот кој деновиве загина во сообраќајка во Германија кога автомобил со огромна брзина налета на неговото возило, веројатно немаше ни да се роди знаејќи ја хитлеровата гадливост на сите варијанти на балканскиот ДНК. Ама сепак, да споделиме пар реда информации за некои политики на Хитлер кои биле наменети за спасување животи. Да, имало и такви.

На крајот на јануари оваа година Германците дознаа за еден предлог на владина комисија да се воведе ограничување на брзината на сите делници на германскиот аутобан систем на 130 километри на час. Комисијата тоа го оправдала како најлесен и најевтин начин да се намалат емисиите на штетни гасови кои водат до климатски промени. Но, самиот министер за транспорт оценил дека ваква идеја е „контра здравиот памет“ а Меркел го испрати предлогот на бирократска еутаназија, пресудувајќи дека се потребни „дополнителни студии“.

Наспроти раширеното уверување, немањето брзински ограничувања не е измислица на Хитлер. Самиот тој не ни бил возач, ниту пак имал возачка дозвола и бил гневен што луѓе толку гинат по патиштата (наместо да гинат за неговите идеи). Слободниот автопат во Германија потекнува од Вајмарската република, и еден нејзин економски експеримент која трае од 1918 до 1933 година. Заради сериозните економски оскудации (време е на големата криза), изградена е само една секција на амбициозната сообраќајна мрежа, онаа меѓу Келн и Бон која е отворена во 1932 година од тогашниот градоначалник на Келн, Конрад Аденауер.

Во јуни 1933 година хитлеровата влада најавува многукратно поамбициозен план, во рок од пет години да се изградат околу 6.500 километри автопат, проект кој би ја симболизирал технолошката супериорност на Германија и би бил еквивалент на египетскиот подвиг со пирамидите. 

И ако режимот на Хитлер воспоставувал секакви контроли во секојдневието на обичниот човек, првиот правилник за автопатот укинува секакви ограничувања на брзината, дури и во населени места. Идејата била дека секој свесен национал-социјалист нема да помисли да ја злоупотребува ваквата слобода зад воланот бидејќи ќе знае дека тоа не е добро за неговата земја. 

Не испаѓа баш така. На германските автопатишта почнува да се гине масовно. Меѓу 1933 и 1939 година гинат околу 8.000 луѓе во сообраќајки и наци Германија станува најсмртоносното место за возење во Европа. Хитлер е бесен што по асфалтот се трупаат тела кои можеле да служат армија или да обавуваат некој друг национално корисен сервис. За да се спречи ваквото цивилно крвопролевање, хитлеровата администрација во 1937 година ја менува регулативата и предвидува казни за сите кои несовесно возат дури и да не биде предизвикана сообраќајка. Две години подоцна воведуваат ограничување на брзината на 60 км/ч во населени места и 90 км/ч на отворен автопат. Подоцна и овие се намалуваат уште за по десет километри на час, за да се штеди гориво за воени потребо но сепак, првичниот мотив зад лимитите е да се зачувуваат животи, идеја која вообичаено не асоцира на Хитлер. 

На Хитлер и неговата Германија им доаѓа крај. Во источниот дел Советите ја оставаат истата регулатива со ограничувања но затоа владетелите на западна Германија која е формирана во 1949 година, за да се оградат од секаква асоцијација со хитлеровите закони, ги укинуваат сите ограничувања. Интересно што и овојпат тоа се прави со истата реторика: совесен Германец нема да ја злоупотреби таквата слобода...

Германците повторно нагазуваат на гас па во 1953 година имаат 11 илјади жртви и 298.231 осакатени во сообраќајки.

Во 1973 година, недостатокот на гориво заради ембаргото на арапска нафта доведува до повторно враќање на ограничувањата но тоа трае кратко. Социјалдемократи пробуваат да воведат ограничувања на 100 км/ч но се судираат со сериозното лоби на германските производители на автомобили. Мерцедес порачува дека нивната техничка супериорност произлегува од фактот што се правени за ултра-брзи патишта и дека ако нема каде да се возат, зошто некој би ги купувал.

Подоцна зелените ја оживуваат идејата за ограничувања со еколошки аргументи и редукција на киселите дождови но студиите покажуваат дека лимитот на брзината би имал ограничен ефект врз овие параметри.

И така е дојдено до денес, кога Меркел процени дека се потребни „дополнителни студии“.

Ваквата сообраќајна уникатност на Германија многумина ги потсетува на американскиот фетиш за поседување оружје кој се оправдува со она: „може да е глупо и погрешно, ама така сме навикнале“. 

22 февруари 2019 - 17:11