Меинстрим демократите повторно цвикаат од Берни Сандерс

Судејќи по ударничката поддршка што ја добива Елизабет Ворен од Сиенен и другите медиуми наклонети кон демократите во врска со нејзиниот отворен судир со Берни Сандерс, станува јасно дека популарноста на Берни и овојпат не ѝ одговара на партиската централа бидејќи неговите напади на Вол Стрит не им се бендисуваат на донаторите.

Искричењата меѓу Елизабет Ворен и Берни Сандерс станаа главна тема по дебатата на демократските кандидати во Ајова кога Сандерс одлучно ги демантираше тврдењата на Ворен дека вo приватен разговор ѝ рекол дека жена не може да биде претседател на САД. Тој се повика на своето политичко кредо и на јавно познатите изјави кои ги пласира со децении дека тој на таа тема има сосема спротивен став од оној кој пробува да му го зашие Ворен.

После завршувањето на дебатата, Ворен луто му пристапи на Сандерс, ја одби за ракување неговата понудена рака а Сиенен подоцна пушти и аудио па разбравме што зборови си разменија.

Такер Карлсон од Фокс вика дека е смешно на Сандерс да му се препишува сексизам. „Тој е социјалист ама сексист?“ Додава и дека Сандерс ги плаќа жените во својот тим многу повеќе отколку што тоа го прави Ворен.

Во меѓувреме и онаа кварна Хилари фати да го јава бранот па изјави дека ѝ пречи што Сандерс и неговите поддржувачи се особено жестоки кон жените противкандидати (Елизабет Ворен и Камала Харис). Во интервју за Холивуд репортер Клинтонова беше потсетена на нејзините некогашни забелешки за сенаторот од Вермонт, обелоденети во еден документарец за ХУЛУ.

„Тој беше во конгресот 4 години. Само еден сенатор го поддржуваше. Никој не го сака, никој не сака да работи со него, ништо тој нема направено. Околу него се надува една фама и жал ми е што луѓето се во вовлекоа во тоа.“

Прашана од ХР дали уште држи до тоа мислење, Клинтон изјави:

„Да, држам.“

Други аналитичари пак сметаат дека Елизабет Ворен е жртва на сопствената опсесија со идентитетските политики и целиот пропратен булшит кој одамна го бутка. И кога помпезно најавуваше дека сака да ѝ се обраќаат со she/her (оти па некој поинаку ѝ се обраќал) и кога правеше ДНК тестови за да докаже дека има малцинска крв (па подоцна им се извинуваше на Чироки Индијанците) и кога се залагаше осудени транс-жени (а.к.а. мажи) да се ставаат во женски затвори (иако е јасно каква опасност тоа може да биде за цимерките).

Во непријателскиот Фокс со нескриен гушт гледаат на последните случувања во демократскиот камп. Такер вика, лесно е демократите да изгледаат обединети кога треба да се мрази Трамп. Но, штом ги оставиш да се бават со себе, станува јасно дека таа партија е колекција од длабоко несреќни интересни групации.

Една од класичните сопки кои про-демократските медиуми му ја прават на Сандерс е што на испитувањата на јавното мислење обично го кријат во одговорите „друго.“ А видете на „друго“ колку добро му оди:

Повеќе за тоа пишувавме во статијата „Што е „Берни слепило“ и како изгледа?“

22 јануари 2020 - 12:39