Кој правел референдум за член 50, може да прави и за член 49

Како што има член 50 за излегување од Европската Унија, така има и член 49 за приклучување кон Унијата, е пораката од Јункер до Британците.

Претседателот на европската комисија во средата им порача на пратениците дека Британија ќе може да се приклучи кон ЕУ по брегзит користејќи го членот 49 од Лисабонскиот договор.

„Откако Британците ќе напуштат по член 50 тие се уште го имаат членот 49 кој дозволува враќање во членството и јас би го сакал тоа,“ изјавил Јункер.

Членот 49 наведува како една држава може да се приклучи кон ЕУ, и дека за тоа ќе биде потребна согласност од Европскиот парламент и земјите членки.

Изјавата следува само еден ден откако Доналд Туск порача, а потоа и твитна, дека доколку Британците решат дека се пишман околу брегзит тој е отворен за стопирање на целата процедура.

Јункер му даде поддршка на Туск порачувајќи „се надевам дека јасно ќе бидеме чуени во Лондон.“

18 јануари 2018 - 16:03