Џеф Безос бил хакнат од саудискиот престолонаследник, преку клипче

Мобилниот на сопственикот на Амазон бил хакнат во 2018 преку порака на Вотсап што му стигнала од Мохамед бин Салман, објавува Гардијан.

Енкриптираната порака била од бројот на МБС и се верува дека содржела малициозен фајл што се инфилтрирал во смартфонот на најбогатиот човек на светот. Според истрагата не станува збор за никаков навидум сомнителен фајл, туку обичен (заразен) видео-клип.

Упадот се случува на 1-ви мај минатата година, и во рок од неколку часа од уредот на Безос се извадени голем број податоци. Пред ова, двајцата убер-богаташи наводно имале пријателска конверзација.

Ваквите наводи, отвораат дополнителни теми, помалку сериозна од типот како приватни пораки и фотографии од мобилниот на Безос стигнуваат до американските таблоиди, и повеќе сериозна дали во собраните податоци и пораки имало нешто што 5 месеци подоцна ќе доведе до убиство и касапење на новинарот на Вашингтон пост, Џамал Кашоги. Безос веќе неколку години е сопственик на Вашингтон пост.

Претходно Саудиска Арабија негираше дека воопшто се обидела да го хакне телефонот на Безос, и инсистираше дека убиството на Кашоги е дел од операција на одметната група поединци.

22 јануари 2020 - 10:14