Берни Сандерс и духот на злопамтилото од 2016

Во ново интервју Хилари Клинтон порачува дека „ќе направи сè што може за да го порази“ Трамп во 2020, и уште поважно од тоа го испердаши и Берни Сандерс притоа закачувајќи му етикета на сексист.

Интервјуто се погаѓа во исто време со новиот документарец „Хилари“ кој треба да има премиера на Санденс. Во документарецот Хилари има и ова да го порача за Берни:

„Тој со години беше во Конгресот; само еден сенатор му даваше поддршка.

Никој не го сака; никој не сака да работи со него; ништо нема направено. Тој е политичар од кариера. Сè е лага (во врска со него) и жал ми е што луѓето паднаа на таа лага.“

Запрашана од Холивуд репортер дали уште важи таа процена за Берни, Хилари директно одговара „да, важи.“

Во врска со тоа дали ќе му ја даде својата поддршка на Сандерс доколку тој ја добие партиската номинација, таа го избегнува директниот одговор и прашањето го користи за да го нападне Сандерс и неговите симпатизери:

„Се уште е рано за тоа. Се уште сме во многу жестоки партиски избори. Но ќе кажам дека не е само до него, туку и до културата околу него. Неговиот лидерски тим. Неговите проминентни симпатизери. Неговите Берни брос (поддржувачите на Берни) и нивните безмилосни напади врз добар дел од неговите конкуренти, посебно врз жените.

И навистина се надевам дека луѓето ќе обрнат внимание на ова затоа што треба да е загрижувачки што тој ја дозволил оваа култура - не само што ја дозволил, туку тој изгледа и како прилично да ја поддржува истата. И не мислам дека пак треба да тргнеме по истиот пат во кој кампањата се тера со навреди и напади, па можеби ќе се обидеш да се дистанцираш од тоа, ама ти или не знаеш што прават твојата кампања и симпатизерите или само ќе им намигнеш и сакаш тие да ги напаѓаат Камала (Харис) или Елизабет (Ворен). Мислам дека таа пракса е нешто што луѓето треба да го имаат на ум кога ќе носат одлука.“

Ваквите коментари на Хилари се пасент со минатонеделното „кошкање“ меѓу кампањите на Сандерс и Ворен, во кое Елизабет Ворен го обвини Берни дека приватно и кажал дека жена не треба да биде избрана за претседател на САД.

Откако во врска со тоа недоразбирање таа се стави на страна на Ворен, Хилари во интервјуто прилично вешто го стави Сандерс во ист кош со Трамп:

„Само мислам дека луѓето треба да обрнат внимание бидејќи сакаме, се надеваме, да избереме претседател кој ќе се обиде да нè обедини, а не да се прави слеп, или да наградува навредливо, нападно, понижувачко, деградирачко однесување што го гледаме од сегашнава администрација,“ порачува Хилари.

Во коментарот на интервјуто што Хилари го дава за Холивуд репортер, Арон Блејк од Вашингтон пост, пишува:

„Демократите сакаат да се преправаат дека континуираното коментирање на Хилари за нејзините партиски избори со Сандерс од 2016 не е релевантно во моментов. Меѓутоа таа изгледа не е подготвена тоа што се случило да го остави зад себе. И ова интервју доаѓа во посебно упадливо време.“

21 јануари 2020 - 16:39