Бил Гејтс не може да стигне да раздаде толку пари колку што заработува

Проблемот на Гејтс е што упорно троши пари на своите непрофитни хуманитарни проекти, а неговото лично богатство и понатаму упорно се зголемува.

Кога во 2010 го стартува Giving Pledge (ветувањето дека пола или цело свое богатство ќе го даде во хуманитарни цели) Бил Гејтс вреди 54 милијарди долари. Денес неговото богатство се проценува на 97 милијарди долари. Слично е и со богатството на Ворен Бафет, кое се зголеми за два пати и денес изнесува 90 милијарди долари, и покрај годишните трансфери на голем број акции од Беркшир Хатавеј во Гејтс фондацијата и на уште четири фондации со кои раководат трите негови деца.

„Во реалност шокирачки тешко е ефективно да донираш огромни суми на пари, посебно со обем потребен за милијардерите тоа да го изедначат со добивките што ги имаат на берза,“ пишува Келси Пајпер во Вокс.

Дури и парите што се дадени, имаат мало или никакво влијание во постигнување на целта. Годинава излезе извештај за проект од 575 милиони долари за подобрување на американските училишта, од кои 200 милиони долари се дадени од Гејтс фондацијата. Заклучокот на извештајот е дека интервенцијата не ги подобрила резултатите на учениците. Слично минаа и 100-те милиони долари што Закерберг ги потроши на унапредување на школството.

„Голем број од проблемите што добротворните организации сакаат да ги решат се екстремно тешки проблеми со кои фондациите, властите и експертите се борат со децении. Многу добро финансирани, добро спроведени, логични програми не ги даваат очекуваните резултати,“ објаснуваат од проценителот на добротворни организации, Гиввел.

Како пример тие го даваат Плејпамп проектот во кој стандардните пумпи за вода во оддалечени африкански села беа заменети со Плејпамп, пумпа за вода налик вртелешка која вади вода кога децата се вратат на нејзе. Сето ова некако функционира се додека вртелешката не им стане досадна на децата, па на крај должноста паѓа на жените од селата кои сега мора да ја туркаат вртелешката за да вадат вода, а притоа Плејпамп пумпите се поскапи, вадат помалку вода и се потешки за одржување отколку пумпите што ги заменуваат.

Пајпер во текстот објаснува дека треба да се очекува некои програми да се не успешни, па тоа дури и да се поздрави, бидејќи тоа значи дека тие испробуваат нови работи за решавање на проблемите.

„Меѓутоа ова покажува дека ќе биде тешко парите да се трошат и корисно и брзо. Не е мудро да се започнува масовна програма, која ќе опфати стотици илјади луѓе, затоа што на крај може да се покаже не ефективна - па дури може и да предизвика ненамерна штета,“ објаснува Пајпер.

Според нејзе тоа што некаде итно требаат 50 или 100 илјади долари не значи и дека има простор каде што ќе може успешно да се потрошат 2 милијарди долари (сумата што Гејтс фондацијата ја оддели за борба против маларија).

Што се однесува на донирањето на помали добротворни организации, тука фондациите ги кочат истите проблеми од погоре, дали парите што ќе ги дадат ќе бидат употребени на програми кои на крај може да наштетат некому, плус е стравот да не бидат измамени. Таков пример летово имаше со училиште од Либерија финансирано од западни донатори, во кое дел од раководството сексуално ги малтретирало своите ученички.

Маката на луѓето од Гиввел е дека вака поставената ситуација, во која мега-донаторите не можат на раат да се ослободат од големи суми пари, не само што го отежнува донирањето, туку на одредени милијардери одлично им доаѓа како оправдание воопшто да не ни тргнат во тој правец.

12 декември 2018 - 15:34