Што ми се допаѓаше кај Пол Ален

Збогување на Бил Гејтс со својот пријател и ко-основач на Микрософт, Пол Ален.

Пол Ален, еден од моите најстари пријатели и првиот бизнис партнер што некогаш сум го имал, вчера почина. Сакам да изразам сочувство на сестра му Џоди и неговото пошироко семејство, и големиот број негови пријатели и колеги низ светот.

Пол го запознав кога бев седмо одделение, и тоа ми го промени животот.

Веднаш почнав да се огледувам на него. Тој беше две училишни години пред мене, стварно висок, и се покажа дека е гениј со компјутери. (Подоцна, тој исто така имаше многу кул брада, која никогаш не можев да ја постигнам.) Почнавме да се дружиме, посебно кога првите компјутери пристигнаа во училиштето. Речиси целото слободно време го трошевме чачкајќи кој било компјутер што ни беше достапен.

Пол предвиде дека компјутерите можат да го променат светот. Дури и во средно училиште, пред кој било од нас да знае што е персонален компјутер, тој предвидуваше дека компјутерските чипови ќе станат супер-моќни и на крај ќе доведат до раст на цела нова индустрија. Ваквиот инсајт беше столб на се што правевме заедно.

Всушност, Микрософт никогаш немаше да се случи без Пол. Во декември 1974, тој и јас живеевме во Бостон - тој работеше, а јас одев на колеџ. Еден ден дојде и ме собра, инсистирајќи да побрзам до блиската трафика со него. Кога стигнавме, тој ми ја покажа насловната страна на јануарското издание на Популар електроникс. На него имаше компјутер наречен Алтаир 8800, кој работеше на моќен нов чип. Пол ме погледна и рече: „Ова се случува без нас!“ Тоа беше моментот што го обележа крајот на мојата колеџ кариера и почетокот на нашата нова компанија, Микрософт. Се случи заради Пол.

Како прва личност со која сум станал партнер, Пол постави стандарди кои многу малку други луѓе можеа да ги достигнат. Тој имаше сеопфатен ум и специјален талент за објаснување комплицирани работи на едноставен начин. Бидејќи имав среќа да го запознаам уште од млади години, јас го забележав тоа пред остатокот од светот да го забележи. Како тинејџер, јас бев љубопитен (од сите можни работи) за бензин.  Што точно значеше тоа „рафинирање“? Се обратив на човекот со најголемо знаење што го познавав. Пол тоа ми го објасни на супер-јасен и интересен начин. Тоа беше само еден од многу просветлувачки разговори што ќе ги имаме во претстојните декади.

Пол беше покул од мене. Тој стварно беше навлечен на Џими Хендрикс како тинејџер, и се сеќавам како ми ја свиреше „Are You Experienced?“. Јас тогаш немав искуство во речиси ништо, и Пол сакаше да ја сподели оваа неверојатна музика со мене. Е таков човек беше. Тој го сакаше животот и луѓето околу себе, и тоа го покажуваше.

Спортот беше уште една пасија што Пол сакаше да ја споделува со своите пријатели. Во подоцнежните години тој ме носеше да ги гледам неговите обожувани Портланд треил блејзерс и трпеливо ми помагаше да разберам се што се случуваше на теренот.

Кога мислам на Пол, се сеќавам на пасиониран човек на кој посебно му значеа семејството и пријателите. Исто така го памтам и како брилијантен технолог и филантроп кој сакаше да постигне големи работи, и ги постигна.

Пол заслужи повеќе време. Ќе го искористеше максимално. Неверојатно ќе ми недостасува.

Бил Гејтс

17 октомври 2018 - 10:25