Веќе не е фора да трошиш, фора е да работиш

Во доба кога претседателот на САД прекрива со злато речиси се што поседува, парите почнуваат да ја губат моќта на статусен симбол за вистински богатите луѓе. Ама ова нема никаква врска со него.

Меѓу модерните елити што ги заработуваат парите кои ги трошат (а не толку многу меѓу оние што го трошат тоа што им следува со раѓање) почна да се појавува нова форма на покажување статус, "идентификувањето како дел од владејачката класа не бара само упадлива потрошувачка, туку бара и упадливо производство".

"Ако упадливата потрошувачка вклучува обожување на луксузот, упадливото производство значи обожување на трудот. Повеќе не се работи за тоа колку трошиш. Туку колку напорно работиш," пишува Бен Тарноф во Гардијан.

Неговите примери се од американските ЦЕО-а, кои "се посветени на обожување работа, речиси до точка на перверзија":

- ЦЕО-то на Епл, Тим Кук, за Тајм изјави дека неговиот работен ден почнува во 3:45 наутро.

- Првиот човек на Генерал Електрик, Џеф Имелт, изјави дека веќе 24 години работи по 100 часа неделно.

- Мариса Мајер за Блумберг изјави дека работела по 130 часа неделно.

Клучно за овие тројца, и ним сличните, е дека тие не работат заради потребата од пари, туку заради потребата од работа.

"Обемниот труд не е за да се исполнат нечии материјални потреби. Се работи за јавни прикази на продуктивноста како симбол на моќ.

Во ера на екстремна нееднаквост, елитите треба да си покажат на самите себе и на сите останати дека тие заслужуваат да поседуваат неспоредливо пообемно богатство од сите останати. Кук на пример е 500 илјади проценти побогат од просечниот Американец - ама се буди во 3:45 наутро. Ова е обележје на упадлива продуктивност: го оправдува постоењето на владејачка класа преку презентирањето на нивните супер-човечки нивоа на продуктивност," пишува Тарноф.

Како што обично бива во глобалните неправди, истоштувачките работни недели не се исклучиво феномен на елитите, тие им се случуваат и на милиони работници низ цел свет (на пример вработените во Фокскон кои ги штанцаат Ајфоните на Епл), меѓутоа тие не работат по две смени дневно за да покажат моќ и престиж, туку за да избегнат глад и бездомништво.

"Во првото Златно доба прекумерното богатство изгледа како жена со бисери до жена во партали. Во второто Златно доба, тоа изгледа како жена која работи сто часа неделно ама не и требаат парите, до жена која работи подеднакво напорно ама едвај може да го задржи кровот на глава," објаснува Тарноф.

27 април 2017 - 11:14