На која возраст дете треба да добие смартфон?

Во Колорадо во процедура за референдумско изјаснување влезе иницијатива за забрана на користење на смартфон на деца помлади од 13 години. Така е кога веруваш дека државата треба да ти ги реши родителските прашања.

Иницијативата е во фаза на собирање потписи. Потребни се 300.000 за да се најде на референдумско изјаснување а зад неа стои анестезиолог и татко кој му го земал телефонот на својот 12 годишен син, па да не биде сам.

Идејата е при купување смартфон, родителот да биде прашан кој ќе биде примарен корисник на телефонот а одговорност да сноси и тој и продавачот. Идејата е навидум ок ама уште по ок е  прашањето до кое ниво ќе се пушти државата да ги регулира приватните прашања на своите граѓани.

Американските педијатри преку својата асоцијација во 2011 година донесоа упатство деца до две години воопшто да не гледаат телевизија. Пет години подоцна се повлекоа од ваквиот ригиден став и прејдоа на пошироко елаборирани идеи како се подига дете.

За среќа, на оваа тема (деца - медиуми - интернет), освен глупи има и интересни идеи кои водат кон тоа децата некогаш и директно да го видат светот а не само посредувано, преку интернет. На пример, во секој дом да се одвои просторија за дружење во која ќе биде забрането користење телефон и интернет. И една друга добра - не само на децата, туку родителите и сами себе да си го лимитираат користењето на интернет во присуство на своите деца.

20 јуни 2017 - 21:01