За Хрватска на Европско 2024 ќе игра играч кој бил градежен работник на скеле

Хрватскиот селектор Златко Далиќ по нестрпливо очекување од хрватската јавност, го објави проширениот список за фудбалери-кандидати за Европско 2024. „Коцкестите“ ќе одат во стандарден состав, со по некое ново име меѓу кои има и еден необичен лик.

На списокот на селекторот на Хрватска Златко Далиќ се наоѓа и името Марко Пашалиќ (не Марио) кој до синоќа не го знаел речиси никој надвор од Хрватска. Марко Пашалиќ сезонава блескал во дресот на Ријека која до крај се бореше со Динамо Загреб за шампионската титула а ќе играат и во реванш финале на Куп (првиот меч во Загреб заврши 0:0).

Минатото лето од родната Германија дошол во саканата Хрватска од каде што се неговите родители, пријатели, роднини...

„Пораснав таму, играв таму, но од првиот ден овде осетив некоја љубезност. Луѓето овде повеќе се водат од срце, нема толку стрес, проблеми, а државата е многу помала од Германија. Овде луѓето се посреќни иако имаат помалку, а таму не се иако имаат повеќе“.

23-годишниот Пашалиќ кој игра како десен крилен напаѓач сезонава постигнал 9 гола и имал 6 асистенции на 40 меча за Ријека каде игра како позајмен играч од Борусија Дортмунд.

Марко Пашалиќ изненадно и неочекувано првпат добил повик од селекторот Златко Далиќ во ноември лани за двата решавачки натпревари за пласман на Европско првенство, против Латвија (0:2) и против Ерменија дома (1:0). Тогаш целата хрватска јавност била импресионирана што Далиќ му дал шанса на Марко Пашалиќ кој влегол од клупата на мечот со Латвија, дебитирал како крилен напаѓач и за малку не постигнал гол на дебито.


Неговата биографија е права филмска приказна. Пред седум години тој работел како мајстор, во градежништво и ни на сон никој не помислувал дека неколку години подоцна тој ќе заигра на Европско првенство за Хрватска.

Во последната епизода на емисијата „Књаз код ватрених“ која се емитува на ХРТ, гостувале двајцата хрватски репрезентативци и соиграчи од Ријека Марко Пашалиќ и Марко Пјаца. И двајцата блескаа во дресот на Ријека сезонава и му дадоа на селекторот Далиќ шанса повеќе на крилните позиции.

Во хрватското првенство Марко Пашалиќ играл сјаен фудбал за Ријечаните кој за малку не освоија шампионска титула.

„Роден сум во Карлсруе (Германија), родителите ми се од Винковци. Бев во Германија до 22 години, таму завршив школа, работев на градилиште, имам пријатели таму. Минатото лето дојдов во Ријека и тоа ми беше најдобра одлука“, ја почнува својата приказна Пашалиќ.

Се очекува тој да игра за Хрватска на Европското летово токму во Германија. Таму пораснал и знае речиси сè за германските навики и менталитет. Ама поубаво му е во Хрватска.

„Помфрит и шницла, тоа е онака баш германски, тоа го навикнав таму да го јадам. Не сакам да јадам грав. Толку многу сум го јадел во животот што ми се згади. Мајка ми не знаеше што да прави, па ќе свареше грав. Имаше за три, четири дена. Работа на градилиште? Почнав 2017-а година. Завршив средно школо, татко ми ме запиша на факултет, но не сакав да го завршам поради фудбалот.

Тука сакав нешто да остварам. Татко ми ми кажа ако не сакаш во школо ќе мораш на градилиште. Секое утро се наоѓавме во 8 сабајле јас, брат ми и двајца мајстори. Ќе направевме распоред кој што работи. А навечер трчав спринтови на тренинг. Морав да возам шут тоа ми беше најтешко на 35 степени! После 6,7 месеци почнав и да кречам. Прво морав се да залепам да биде се во ред. Ако не биде во ред, брат ми мораше се да тргнува. Ако не сработев како треба знаев да добијам и по нос. На крајот беше само да имаме леб дома“, ја раскажува својата животна сторија новиот хрватски репрезентативец Марко Пашалиќ.

„Воглавно вадев и возев бетон на отпад. Еднаш работев и ноќни смени во еден супермаркет, па кречевме. Со оглед на таа работа, тренирав навечер во Дортмунд. На тренинг со јуниорите некогаш одев со скали зошто морав да брзам. Беше напорно но тоа беше еден од моите најубави периоди во животот. Скромно се живееше, но тогаш си најсреќен, ништо не ти недостига. Сега да морам нешто да поправам по дома во станот би знаел благодарение на тоа. А брат ми да ме викне да му помагам, би отишол да му помагам“, рекол Пашалиќ кој играл за вториот тим на Штутгарт и вториот тим на Борусија Дортмунд пред лани летото да дојде на „Рујевица“ во Ријека.

„Бев во шок што се одеше така брзо, морам да му се заблагодарам на селекторот Далиќ на повикот. Мислам дека семејството беше во поголем шок од мене, пресреќни се. На сите ни се оствари сонот. Од мали нозе сонував на настапам за хрватската репрезентација. Бев нервозен пред да ги запознаам момците. Но после тренираш со нив и гледаш дека на крајот се е тоа фудбал. Морам да бидам благодарен до небото, да дадам се од себе, срце да оставам на терен, па што биде нека биде“, рекол Пашалиќ при првиот повик на селекторот Златко Далиќ.

Интересно Ријека има најмногу фудбалери на поширокиот список на Златко Далиќ - дури четворица. Тука се јунакот на приказнава Марко Пашалиќ, Марко Пјаца кој сезонава бил најдобар играч во хрватската ХНЛ лига, капитенот на Ријека Недиљко Лабровиќ  (голман) како и Тони Фрук најдобриот асистент во хрватското првенство кој е на листа на чекање во случај да отпадне неизвесниот Никола Влашиќ.

21 мај 2024 - 15:12