Хоселу - јунакот на Мадрид, го бодрел Реал од трибини со татко му пред две години

Фудбалот пишува романи. Како оној на 34-годишниот Хозе Луис Мато Санмартин или попознат како Хоселу. Ветеранот кој во Реал Мадрид е позајмен од Еспањол, клуб со кого испадна во втора лига, ги дочека своите 5 минути животна слава.

Хоселу влезе во игра во 81’ минута од клупата за резерви и постигна два гола во рок од две минути во моментите кога Баерн Минхен имаше водство од 0-1. Го сврти резултатот и го однесе Реал Мадрид во финале.

Интересно Реал во нокаут фаза го спасуваа неочекувани ликови: во 1/8 финале со Лајпциг го спасија голманот Андреј Лунин кој имаше чудесни, неверојатни одбрани и стрелецот на голот за пласман понатаму, Браим Диаз. Во четвртфинале пак ги спасуваше Лунин, а сега Хоселу.

МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА 34-ГОДИШНИОТ ФУДБАЛЕР КОЈ ОД СЕНКА СТАНА ХЕРОЈ

Хоселу е под договор со Еспањол кој лани испадна во втората шпанска лига. Во Реал Мадрид е на позајмица. Хоселу минатата сезона постигна 16 гола на 34 меча но не го спаси Еспањол од испаѓање а ја победи конкуренцијата на Раул Де Томас од Рајо Ваљекано за нов резервен шпиц во најголемиот клуб на светот.

1. Реал Мадрид за него дал 500.000 евра. Звучи неверојатно, но вистинито е. Иако според Трансферкмаркт.де неговата вредност е проценета на 1,5 милиони, „кралевите“ за него одвоиле смешна сума во однос на историски рекордните трансфери за нападот.

2. Кога Реал Мадрид му заѕвонил, тој заплакал од среќа. Тогаш преговорите само што почнале. Веднаш станало јасно дека брзо ќе се договорат.

3. Хоселу секогаш сонувал да се врати во Реал Мадрид каде играл во сезоната 2011/2012 но тогаш никој не го познавал, ниту го запаметил. А сега тој е денес на насловните страни на сите светски медиуми. Како суперхерој на Реал.

4. Секогаш го бодрел Реал Мадрид, а особено интересна е фотографијата од финалето на Лига на шампиони во 2022-ра кога во Париз со татко му и пријателите отпатувал од трибини да ги бодри „кралевите“.

5. Хоселу и Карвахал се баџанаци, оженети се со сестрите близначки Мелани и Дафне Кањизарес.

6. Односот со сопругата Мелани му е интересен затоа што тие се познавале и се гледале уште од детството, а во 2016-та се венчале. Шпанскиот центарфор посветил тетоважа на ногата на својата жена.

7. Хоселу верувале или не има осум гола против Реал Мадрид кога играл за други клубови во кариерата. Тој е еден од ретките воспитаници на „кралскиот клуб“ кој редовно им давал погодоци.

8. На прес-конференција после неговото враќање на стари години во Реал Мадрид дошло целото семејство на Хоселу. Тој и мајка му плачеле од среќа. „Јас сум тука за да дадам се од себе. Ова е клуб на мојот живот“, рекол шпицот кој се прослави во полуфинале со Баерн Минхен.

9. Хоселу првите фудбалски чекори сепак ги направил во Селта Виго а не во Реал Мадрид. Во академијата на клубот од „Сантијаго Бернабеу“ доаѓа во летото 2009-та иако веќе дебитирал во професионалниот сениорски фудбал.

10. Тој три години поминал во Реал Мадрид Кастиља, третиот тим на Реал. Добил шанса во првиот тим и во мај 2011-та влегол од клупа за резерви против Алмерија и постигнал гол. Потоа дал гол и во Купот на Шпанија.

11. Тоа не било доволно за да го импресионира Жозе Мурињо кој не му верувал. Португалецот го пратил Хоселу во германски Хофенхајм зошто не го гледал во првиот тим. Реал Мадрид за него добил шест милиони евра. И покрај тоа што Мурињо не му давал шанси и немал доверба во неговиот квалитет, Хоселу не му се лутел и се уште го обожавал како личност и тренер.

12. Хоселу постигнал пет гола за Хофенхајм, не задоволил и го пратиле на позајмица во Ајнтрахт. Ни таму не блескал, па продолжил во Хановер.

13. Само 10 гола за новиот клуб го препорачале во англиски Стоук Сити кој тогаш играше во Премиер лига.

14. Се испоставило дека не му легнал ниту дождливиот Стоук, па Шпанецот се вратил дома. Потпишал договор со Депортиво Ла Коруња кој тогаш уште не беше на дното. Не се начекал со Федерико Валверде во Ла Коруња а Хоселу во тоа време му помогнал на Депортиво да остане во прва лига.

15. Некогашниот шпански сензационален шампион од Ла Коруња мечтаел да го откупи договорот на Хоселу но немал доволно средства. Шпанскиот центарфор не сакал да се враќа во Стоук па му излегла варијанта со Њукасл. Набрзо му се допаднал на Рафа Бенитез кој одобил трансфер за 5,5 милиони евра на Хоселу.

16. Но во тешката Премиер лига немал многу прилики, постигнувал малку глови а со заминувањето на Рафа Бенитез морал да замине и тој. Повторно се вратил во Шпанија а нова средина му бил Алавес каде одлично играл во тандем со уште еден негов врсник - Лукас Перез.

17. Пред две години, во 2022-ра Хоселу преминал во Еспањол и бил дел од големиот каталонски проект со богати сопственици. Но трансферот му поминал катастрофално затоа што Алавес не сакал да го пушти, па тој ден-денес се тужи со овој клуб за разни компензации од договорот.

18. Хоселу на 33 години за првпат добил повик за репрезентација на Шпанија. На дебитантски меч дал два гола за Норвешка. После освоил Лига Нации со Шпанците и ќе патува веројатно и на Евро 2024.

Кралот е жив, пропаст за Баерн Минхен во две минути

Славјето на Реал Мадрид и песната на Анчелоти

Спорната судиска одлука во 113 минута која фрли дамка на Бернабеу

9 мај 2024 - 09:03