Зошто никој не го знае Жак Гриф?

Кога ќе ги видиш креациите на Жак Гриф, просто е нејасно како некој толку талентиран не е на исто рамниште со еден Диор. А сепак, Гриф го затвора својот бизнис во доцните ‘60-ти, и покрај репутацијата како еден од најдобрите француски кројачи во средината на 20-от век.

Неговите креации се уредно документирани: неверојатни балски фустани, безобразни костуми од твид и ведри фустани за плажа се кријат по архиви и приватни колекции - и сите зборуваат за еден човек што требало да биде познат исто колку и неговите современици Елса Скиапарели и Кристијан Диор.

Почнал како чирак на 16 години во Каркасон, па работел во Тулуз. Сепак, преселбата во Париз е она што го оформува неговиот стил - почнал да работи за најголемата европска визионерка  Маделин Вионет. Маделин Вионет засекогаш влијаела на женската мода со нешто што се вика bias-cut - не прав крој по линија на материјалот, туку кроење што следи шема под агол од 45 степени на платното, што на материјалот му дозволува природно затегнување.

Вака:

Техниката имала вградена еластичност и тоалетите ги обвивале облините на женското тело. Три години Жак Гриф ги впивал овие суптилни трикови и ги чувал за денот кога самиот ќе ја покаже својата понуда.

Тој ден доаѓа во 1941, кога го отвора неговиот прв кројачки салон. За време на втората светска војна служел и поминал 18 месеци во затворски камп, а до крајот на 1940-те славни личности веќе се ределе пред неговиот дуќан и неговите креации ги носеле Ингрид Бергман и Жозефин Бејкер. Во 1948 пуштил и парфеми - Enthusiasm и Doodle.

Дизајните ги сонувал, ги цртал уметнички, па кроел со неверојатна вештина и сам ги шиел. Бил мајстор за манипулирање нежни материјали како шифон и ламе. Работел на кукла што му ја подарила Вионет и создавал уметнички дела што можеле да се носат.

Имал и храброст да употребува боја и го влечело тоа што се сметало за демоде во тоа време. Најмногу сакал да работи со виолетова, тиркизна и кајсија-боја, во време кога меки, скромни пастелни бои се користеле за балски фустани.

И покрај богатата кариера, најмногу блеснал во ‘50-те и ‘60-те, кога покажал изострено око за детали и украси - реси, асиметрија, слоеви со тул, 3Д скулптурирање, прерамки, машни, везови, светки и слично.

Спојувал гламур и практичност и упорно вадел незаборавни парчиња за сите сфери на животот до пензија. Починал во 1996 и покојниот Исеи Мијаки му оддаде чест во една од поновите колекции.

Следниот пат кога ќе видите Пепелашка-фустан и кога ќе ви текне на Диор, размислете уште малку - може да е Жак Гриф.

3 април 2024 - 00:00