Традиционално полнети бабури

Претходниот пат кога ги полневме пиперските Обеликси, такозвани бабури (види ”Елегантно пополнети бабури“), се послуживме со нетрадиционален метод. Резултатот искочи ѕверски, но неоспорен факт е дека испрљавме доста садови. Овој пат овие превкусни носови од Шешељ ќе ги наполниме домаќински, по рецепт пишан у тетратка со дебели корици, а не ауто-генериран од некој чет-бот шо никогаш не мезел месни нарезак.

После претходниот рецепт сконтав дека месото без ориз во полнетите пиперки е како Том без Џери, Бетмен без Робин, студент на архитектурата без шал у јули месец. Затоа решив да му го вратам другарчето, партнерот во криминал, верниот Санчо Панса.

Сјајо-заштедувачка напомена: полнетите бабури ќе бидат спремени во едно тенџере. Нема пржење, дополнително висење и кашкање тави.

Набавуваме бабури со бои на најбрзо-растечката економска сила во регионот и стартуваме... Хируршки ги отвараме бабурите: ја отстрануваме рачката и семето. И племето. Све по список. Некој практикуваат со нож да ги избодат пиперките на секаде, демек подобро да впиваат од течноста, но јас го скокнав тој марифет.

Во длабок сад набацуваме пола кило мелено месо, микс од свинско & јунешко. Додаваме ситно сецкан кромид, лук, морков и магдонос. Од суви зачини: сол, бибер и црвен пипер. Соединуваме. Потоа додаваме 100 грама кочанско бело. На ориз мислам, не на бугарскиот ‘кокаин‘. Репризираме соединување.

Со ова зајре ги полниме бабурите. До тенџере загреваме масло и го гипсираме со две лажици брашно. Запршка се роди, ваистину. Бела. Дотураме литро ипол вода. Во оваа хлореста бара ги редиме полните дебељуцковци.

Потоа истураме уште 700 грама пасата (цеден домат). На среден оган под капак динстаме саат ипол.

Ги послужуваме бабурите во длабока чинија. Ги тушираме со румената патлиџанска лепота и сецкаме на ситни парченца.

Хаг на колена!
Кирил Стоименов - напредњак

23 јули 2023 - 08:17