Зошто приказните се како дрога?

Ставени во ситуација да бираат помеѓу електричен шок и десет минути седење мирен на столче во празна соба, голем процент на луѓе го бираат првото. Затоа што им е потребно нешто да им ги стиши внатрешните гласови. А има ли подобро од тоа наместо да ги слушаш сопствените мисли, тоа да биде нечија туѓа интересна приказна?

Според англискиот поет и филозоф Семјуел Тејлор Колериџ (1772-1834) уживањето во фикција подразбира „доброволно откажување од неверувањето“ - свесна одлука човек да се внесе во наратив кој се подразбира дека не мора да биде вистинит. Си велиме - знаеме дека волкот не ја изел Црвенкапа преправајќи се во бабата, но за момет го ставаме скептицизмот на „офф“ и се препуштаме на приказната.

Сепак, ова не е сосема точно. Не се откажуваме свесно од сомнежот, туку ако приказната е јака, ако раскажувачот има стил и е вешт, тогаш ова едноставно ни се случува без да донесеме некаква одлука - ок, сега ќе го исклучам рационалниот дел од себеси и ќе уживам. Добриот наратив е нешто на кое сме му потчинети, а не нешто што го контролираме. 

За раскажувачите мислиме како за моќници, кои нè зграпчуваат, нè замајуваат, нè занесуваат. Можеби и нè заведуваат или хипнотизираат. Или се како ветришта што нè разнесуваат на сите страни на светот. 

Посегнуваме по метафори кога ни недостасува јазик за директен опис. Но ако ги погледнеме претходно наведените, изгледа дека најпрецизната метафора е дека приказните се - дрога. 

Ова го потврдува истражување спроведено на Харвард и Универзитетот Вирџинија во кое од учесниците било побарано да бираат помеѓу две справи за мачење. Првата опција била да се притисне копче кое би предизвикало безбеден, но сепак многу непријатен електричен шок. Две третини од мажите во студијата одбрале да се шокираат себеси и покрај тоа што веќе го поминале ова искуство во порана фаза од студијата, и изјавиле дека би платиле за да одбегнат такво непријатно искуство во иднина. 

Но втората опција изгледа им била пострашна - најобична столица. Тие требало да седат на неа цели десет минути и едноставно да мислат. Да не прават ништо друго. Просторијата била празна, тие не можеле да си го проверуваат телефонот, ниту да читаат опачини од амбалажи шампон. Каков ужас, да треба да не правиш ништо и да бидеш сам со своите мисли!

Во студијата учествувале и жени, но само 25% од нив повеќе сакале шокови отколку седење раат. Истражувачите шпекулираат дека оваа родова разлика можеби произлегува од фактот дека мажите, спротивно на популарното уверување, имаат повисок праг не само за ризик туку и за болка. 

Без оглед на разликата помеѓу мажите и жените, ова се толкува и како обид за исклучување на нашите внатрешни мисли. Гласот кој постојано тече низ нашите глави ни е постојан придружник, но кога тој е активен не сме толку среќни како во благословените моменти кога можеме конечно да го замолчиме - дури и со електричен шок. 

Друг начин на замолчување на нашиот глас е слушање на некој туѓ. Приказните се бегство од нас самите, и притоа не е важно само каде тие нè носат, туку од каде нè носат. Талентот на раскажувачите, како што забележала Вирџинија Вулф, е што тие успеваат во „комплетна елиминација на егото“ на слушателот односно читателот. Потребни се години обука за медитација за човек да постигне ниво на присутност на умот која природно ја постигнуваме со слушање музика која ни се допаѓа или со гледање на омилената серија. 

Можеби споредбата со наркотични дроги како хемиски супстанци е претерана. Но приказните сепак се нешто кое го „земаме“ за буквално да ја промениме хемијата на нашиот мозок. Ги „голтаме“ како и другите лекарства, за да си ја намалиме болката, осаменоста, малаксаноста. И исто како и лекарствата, приказните ни предизвикуваат алтернативна состојба на свеста која личи на хипнотичен транс. Ова е истовремено и прекрасно. Но и по малку морничаво. 

Извадок од „Парадоксот на приказната: како нашата љубов за раскажување гради и руши општества“ од Џонатан Готшал (2021). 

25 ноември 2021 - 12:53