Шефот на ХБО ангажирал „армија“ вработени да напаѓаат ТВ критичари онлајн

Кејси Блојс, извршен директор на ХБО, се извини за тоа што ангажирал вработени да креираат лажни Твитер профили и преку нив да постираат про-ХБО коментари и да ги напаѓаат ТВ критичарите кои немале добри зборови за она што се прикажувало на овој стриминг сервис.

Завчера, 1.11., списанието Ролинг Стоун објави подолг истражувачки текст, во кој се тврди дека Кејси Блојс, извршниот директор на ХБО, организирал креирање на лажни профили на негови вработени како дел од кампања на контра-напад на ТВ критичари.

Ова почнало уште пред тој да ја заземе оваа позиција, во јуни 2020, кога бил претседател на одделот за оригинална програма. Тогаш бил изваден од памет од твит на ТВ критичарката на „Валчр“, Кетрин ВанАрендонк, на која не ѝ се бендисала баш серијата „Пери Мејсон“, за приватен детектив кој станува адвокат во ЛА во 1930-тите. Таа напишала: „Драга престижна телевизијо. Ве молам најдете начин да искомуницирате машка траума без да ми покажувате спомени на херојски воени акции во ровови“.

Нервозен, Блојс ѝ испратил порака на Кетлин МекКафри, потпретседателката на ХБО за оригинална програма, во која ја убедува „да тргнат на мисија“, со тоа што ќе најдат „крт“ кој ќе ѝ праќа пораки на ВанАрендонк, и ќе направи „таа да се чувствува лошо“. Ова била само првата од најмалку шест размени помеѓу Блојс и МекКафри во следната година до кои дошол Ролинг Стоун, а во врска со „тајната армија“ вработени кои преку Твитер (сега Х) требало да напаѓаат не еден, туку повеќе критичари, како и анонимни коментатори, а на истиот начин да објавуваат про-ХБО коментари под различни интернет статии. 

Денес, 3.11., Блојс се извини и ја нарече сопствената идеја „глупава“. Се вадеше со тоа дека бил „многу, многу страсен кога се во прашање програмите што ги прави ХБО“ и дека сакал тие да им се допаѓаат на луѓето. Признал дека целата акција и онака не дала резултати, а одзело многу време и енергија за она на што телевизијата требала да се фокусира. 

3 ноември 2023 - 09:55