„Овие двајца пред Вас, признавам, не се со сите, но и луди не се“ - исказ на сведок на судењето на една книга

Вчера, 15.04., во аулата на Филолошкиот факултет се одржа навистина необичен настан за нашите книжевни кругови, во кои академици на себе ставија мачкести маски, професори глумеа јавни обвинители со перика позајмена од Драмски, декан удираше со дрвено чеканче по маса, а дел од публиката извикуваше „уа“ и фрлаше со грашок низ судницата. И сето тоа како омаж на едно уметничко движење, зачнато пред цел еден век, од коешто уште има што да се црпи. 

„Птици во аквариум: надреализам 1924-2024“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ доживеа промоција на каква до сега не сме присуствувале. Во аулата на Филолошкиот факултет беше симулирана судница, со сите салтанати - судија (Владимир Мартиновски), обвинител (Венко Андоновски), одбрана (Гоце Смилевски), адвокат (Владимир Јанковски), сведоци на обвинителството (духовите на Георги Старделов и Димитар Митрев, преку читање на нивни статии против надреализмот) и сведоци на одбраната (Соња Стојменска-Елзесер, Иван Шопов и Марија Гиревска). Секако и самите обвинети - авторите на спомнатата книга. 

Концептот е асоцијација на „судење“ кое се одржало на петок 13-ти 1921 во Париз, каде дадаистите го ставиле на обвинителното столче авторот Морис Барес, со Андре Бретон во улога на главен судија. Тие додуша отишле малку подалеку, со посебна костимографија (бели кошули, престилки, округли шапки со пуфни), a зборувале стоејќи пред музички сталаци. Судењето се спровело поради метаморфозата на Барес од влијателен револуционер во политичар кој го промовира национализмот.

Најзабележителна во визуелна смисла помеѓу учесниците во нашето судење беше Марија Гиревска, преведувачка и авторка, најпозната по нејзиниот превод на „Улис“ на Џојс, која со самата појава го инкарнираше „над“ во надреализам. Не помалку креативен беше и нејзиниот говор, кој го пренесуваме во целост. Барес на времето бил прогласен за виновен. Во овој случај исказите на сведоците помогнаа авторите да не ја доживеат истата судбина. 

****

Говор на сведокот Марија Гиревска во одбрана на авторите на книгата „Птици во аквариум: надреализам 1923-2024“

Верувам, ценети суде дека добро ги познаваш овие луѓе
зашто нарав е нарав, а суд е суд.

И едниот, знаеме сите, 
е човек кој знае за старото и за новото 
толку колку што еден човек може да знае за тие две нешта.
Тој дома чува нови огнови со бои никогаш видени. 
Некој ќе рече: син е на помамата и мракот!
Но тука е пред вас и човек полн со разум
кој умеел понекогаш да ги наложи своите идеи
кој знае повеќе јазици
не малку патувал
и знае да ја процени кавгата меѓу Редот и Авантурата.

А таа до него е жена со многу глави. 
Во рацете носи жилави поплави
на нозете украси од солени баклави
на главите розови нојови
заринати во зракот. 
(Не попусто напишала и таа толку многу книги, краноги траги што овде, во оваа аула стојат како дорски столбови и димитармитреви!)

Оти секој ќе рече: 
тие двајца насекаде ја бараат авантурата
и не се наши непријатели
туку убави молњи што траат цела вечер.

Тука се да ни ги дадат широките и чудни простори на јавето и сонот...

Часовникот на белите мечки вечерва кажува дека е време за бал.
Пред вас, еве тука бие срцето жар на Жерар де Нервал!

И знам дека за ова ќе се согласат многу, дури и Шопов, кој не е Шопов и кој очигледно мрази фудбал
Ама, ете, и тој сака слонови со женски глави и летачки лавови.

Но што би рекле некои други од мојата фела
„Достојни! И книгата нека се благослови!“

И верувам, ценета главо, дека едно време си студирала право,
но ете, мора да постои некое друго правило
според кое е сево ова вака градено
та времето од оската се иставило,
и чудовиштето засега е прејадено.

Зар не е речено одамна: „Не суди да не ти се суди“?

И знам дека е црно ова мастило
И многу неспокојство 
Во него се напластило
И внатре е мрачно како во грне.
Ама, ете, внатре, сепак, некој ПЕЕ.

Додуша има еден професор кој решил среде градскиот плоштад да продава топли питулици по дождливо попладне,
и една професорка избрала токму оваа студија врз неа да попадне!
Но рајот не е наполно загубен!

И оваа пролет розите се сини
и жабата нема веќе никаква надеж
во ветената преобразба
и булдожерите го затрупале влезот пред УКИМ
и сè почесто
паѓаат од небото ангели
отруени од песцитиди
и овие двајца пред Вас, признавам, НЕ СЕ СО СИТЕ, но и луди не се.

Оти што е тоа книга? Тоа е еден прекрасен инсект. 
И што прави една книга? Таа никогаш не легнува рано.
Таа го чека кројачот во рајот.
И кое е најубавото годишно време за книгите? 
Тоа е иднината, едно време кога купиштата сенки ќе бидат способни да се претворат во зборови
и кога суштествата што можат да зборуваат ќе ја имаат гордоста да ја бараат полноќта во некој непознат час.
И ве прашувам, чесни суде, со што се хранат книгите?
Со тајна.
И ќе ми речете: со бескрајна, безначајна благајна!
А јас веднаш ќе ви одговорам: ОПАСНА, ОПОЈНА, ОПСТОЈНА, ПОРОЈНА, ДОЛГОТРАЈНА ТАЈНА.

Овде, пред вас го имате старешината на птиците.
И господарката на овој заумен аквариум
Со мисли како молњи во горештина
И ова не е слика од Макс Ернст. Сериозно.
„Млада жена со слободно однесување во прегратка на стар расипник!“
Стереотипна ситуација од сите популарни феминистички романи.
Ви се молам, денешната книжевна сцена во нашата држава има толку мани
Тесен кафез 
Риба во седвич со мајонез.

За волја на вистината, 
ретки се ваквите книги 
тиролски слон
кој вреска, чкрипи. 

Мармалад, сè е мармалад!
ЈАДЕТЕ МАЏУН!

Ама добро, знам дека обвинителот живее сега во Белград,
што да прави кутриот ако носот 
му е егзотичен и хаотичен?
А денот прекрасен и нежен како тој извонреден мал детски обрач.

Ова движење е ИЗНЕНАДУВАЊЕ: 
ПРВОКАЦИЈА, уживање во препуштање на случајот,
ОТПОР кон диктатурата на разумот.
И овие птици не се повеќе вистински птици.
Тие додуша се јавија само за време на ковидот. 
Влегоа во една вистинита но не многу веројатна историја.

Правта сега има мирис на молња.
И некаде врне дожд како жена кога спие.
Нема веќе вистински водни велосипеди, ни микроскопија, ни бактериологија. 
Оти ламбата е неподвижна како утката во сказни.
Оти магарето е изедено од смоква.

Чесен збор, денешните крокодили не се повеќе крокодили.

И Тристан Цара премина во Париз од Цирих. 
А Кабаре Волтер е затворено сега. Залудно бев минатиот јуни. Праските скроиле стаклен тепих од забуни.

Овде сите се залагаме за една независна револуционерна уметност.
За убавината што ќе биде ГРЧЕВИТА или ќе ја нема!

И сега се одигрува во некој друг град каде што луѓето се свиткуваат како морски растенија во длабочината на некакви џиновски замисли.
И секако, ова не останува без одек. Не за џабе Салвадор Дали чекореше во скафандер во Лондон!

Пријатели на новата уметност!
Евидентно!
Денешните птици се и риби!

Збивањето на поетскиот израз, ми вели мојата професорка...
На планот на сетилната реалност... за да се чуе нечујното и да се види невидливото...
Долго, огромно и смислено растројство на сите сетила... што сакал поетот да рече? 
А не се управува според некое учење,
туку со една спокојна страственост.

Овие двајца се рамни на нештата чија тајна лежи под нечие птичјо крило
што во овој отсонуван аквариум се открило и скрило.

Но она што со толку страв и бес сме го чекале 
или сме прижелувале
Еве го пред вас, честити суде.
Оти јас сум едно од најчувствителните тркала
И знам 
Победата пред сѐ ќе биде
УБАВО ДА СЕ ГЛЕДА НАДАЛЕКУ
ДА СЕ ГЛЕДА СЀ ОДБЛИСКУ
И СЀ ДА ИМА СВОЕ НОВО ИМЕ.

Зашто има толку работи кои не се осмелувам да ви ги речам
толку работи кои вие не би им допуштиле ниту тие да ги речат...

Имајте милост.
 

фото од Марија Гиревска: Сашка Петрушевска

16 април 2024 - 19:50