Малку поинакви „левичари“ и „десничари“

Инсектите кои на англиски се познати како „ирвигс“ (уволази) од семејството дермаптери, или инсекти со кожести крила, препознатливи по парот закривени „клешти“, се предмет на истражување на јапонски научник, кој се фокусира на нивните сексуални ритуали. Мажјаците имаат два пениса, но некои од нив го користат само левиот а други само десниот, е неговиот заклучок по две децении набљудувања и снимања на сиротите инсекти. 

Јошитака Камимура е професор на Универзитетот Кејо во Јапонија, каде ги проучува крилестите инсекти Nala Lividipes, кај нас познати како „уволази“ (колку страшно звучи!). Неговото најново откритие, објавено неодамна во списанието Biological Journal of the Linnean Society е дека одредени видови од овој инсект користат само еден од нивните два пениса кога се парат, иако обата им се целосно функционални. Преку серија лабораториски експерименти, Камимура заклучил дека поединечните уволази се пениски еквивалент на некој што пишува со десна или со лева рака, јасно демонстрирајќи преференца за еден пенис наспроти друг. Популацијата уволази со која тој работел била 50-50 „десничарска“ односно „левичарска“. Наспроти ова, луѓето се околу 85% деснаци а причините за ова се уште не се целосно познати. 

Сексуалниот ритуал на уволазите изгледа вака: кога женка била ставена во мал контејнер со машки партнер двајцата, откако се „запознале“ со антените, се свртеле со грб еден кон друг. За да иницира секс, мажјакот насочил еден од своите пениси кон женката, и откако органот се наполнил со инсектна крв го ставил во нејзината вагина и „сперматеката“, структурата која се користи за складирање сперма. Тие биле закачени еден за друг околу 40 минути, а Камимура ги снимал (веројатно без нивна согласност). Така бил во можност да заклучи кој од пенисите се користи при парењето. За да го потврди ова, дека навистина постои некаква шема, тој ги поттикнувал мажјаците да имаат секс со една женка-девица, потоа да одморат десет дена, па да имаат повторно секс со друга. Во повеќето случаи, мажјаците го користеле истиот пенис по втор и трет и четврт пат, што укажува на латералност на ниво на поединец. 

И тоа не е сè. Со научничка опсесивност, Камимура сакал да истражи дали навистина обата пениса на примероците биле функционални. Искористил студена вода за да го анестезира уволазот, и потоа му исекол еден пенис по случаен наод, со тенок скалпер. По одредено време на закрепнување, повторно му била понудена женка. Повеќето од овие мажјаци успешно си ја завршиле работата со пенисот кој им преостанал. 

Ако имате мерак за уште детали може да си дочитате тука.

9 ноември 2021 - 12:50