Кој доби Пулицер за 2024-та?

Вчера, 6 мај, на Универзитетот Колумбија беа доделени традиционалните признанија за достигнувања во новинарството, книжевноста и музиката. Најпрестижните награди во овие области во САД се доделија по 108-ми пат. 

Ова се Пулицеровите награди доделени во областа на публицистиката, книжевноста и музиката за 2024-та.

НАГРАДИ ЗА НОВИНАРСТВО

Јавен сервис

Доделена на ПроПублика за амбициозно известување кое го проби дебелиот ѕид на тајност околу Врховниот американски суд, за да открие како мала група политички влијателни милијардери ги опсипувале судиите со луксузни подароци и патувања. Ова доведе до тоа Судот прв пат во својата историја да воведе Кодекс на однесување. 

Вонредно известување

Доделена на вработените на Lookout Santa Cruz од Калифорнија, за деталното покривање во тек на празничен викенд на катастрофални поплави и одрони на земјиште кое раселило илјадници жители и уништило повеќе од 1000 домови и деловни објекти во оваа област.

Истражувачко новинарството

Доделена на Хана Драјер од Њујорк Тајмс за детална серија приказни за обемот на ангажираност на деца-мигранти како работници во САД, како и за корпоративните и владините пропусти кои го овозможуваат истото. 

Меѓународно известување

Доделена на редакцијата на Њујорк Тајмс за широко покривање на убиствениот напад на Хамас од 7 октомври, грешките на израелското разузнавање и воената интервенција на Израел која следеше. 

Критика

Доделена на Џастин Ченк од ЛА Тајмс за евокативни рецензии кои покриваат филмски дела од повеќе жанрови, а го отсликуваат современото искуство на еден гледач и филмофил. 

Илустрирано известување и коментар

На Медар де ла Круз, соработник на Њујоркер, за неговата приказна од затворот на Рикерс Ајленд во која доминира визуелното. Тој користи црно-бели фотографии кои ги хуманизираат затворениците и вработените, преку нивната глад за читање. 

Аудио новинарството

Доделена на Invisible Institute од Чикаго и USG Audio, Калифорнија, за моќна серија која го анализира бранот насилство во Чикаго од 1990-тите, флуиден амалгам од мемоар, историја и новинарство.

Koментар

Затворениот руски дисидент и новинар, Владимир Кара-Мурза, ја доби Пулицеровата награда за своите написи напишани во затворска ќелија и објавени во Вашингтон пост, во кои тој инсистира на демократска иднина за својата земја. 

НАГРАДИ ЗА КНИЖЕВНОСТ

Проза

Добитник: „Ноќна стража“ (Night Watch) од Џејн Ан Филипс, прекрасен роман лоциран во психијатриска болница во западна Вирџинија по Граѓанската војна, каде тешко ранет ветеран кој се борел на страна на Унијата, 12-годишно девојче и нејзината мајка се обидуваат да зацелат. 

Драма

„Примарна доверба“ (Primary Trust) од Ебони Бут, едноставна и елегантна приказна за емоционално оштетен човек кој наоѓа нова работа, пријатели и чувство на вредност, илустрирајќи како мали гестови на љубезност можат да го променат животот не само на поединецот, туку и на заедницата.

Историја

„Без право на чесен живот: борбата на бостонските црни работници во ерата на Граѓанската војна“ од Жаклин Џонс, оригинална реконструкција на животот на црното население во Бостон која длабоко го менува разбирањето на аболиционистичкото наследство на овој град. 

Биографија

„Кинг: еден живот“ од Џонатан Иг, портрет на Мартин Лутер Кинг помладиот кој се потпира на нови извори за да го збогати разбирањето на секоја фаза од животот на лидерот за граѓански права, вклучително и неговите напади на ниска самодоверба и депресија.

„Господар роб маж жена: епско патување од ропство до слобода“ од Илион Ву, богат наратив за Крафтови, пар робови кој избегал од Џорџија во 1848 со тоа што Елен, која имала посветла кожа, била преправена во хендикепиран бел џентлмен, а Вилијам патувал како нејзин слуга. 

Мемоар или автобиографија

„Непобедливото лето на Лилијана: потрага по правда на една сестра“ од Кристина Ривера Гарза, опис на убиството на 20-годишната сестра на авторката од страна на нејзиниот поранешен дечко, кој е мешавина од мемоар, феминистичко истражувачко новинарство и поетска биографија. 

Поезија

„Трипас: песни“ од Брандон Сом, збирка која длабоко навлегува во комплексноста на двојното, мексиканско-кинеско наследство на поетот, фокусирајќи се на достоинството на неговото работничко семејство.

Генерална нефикција

„Ден во животот на Абед Салама: анатомија на една ерусалимска трагедија“ од Нејтан Трал, интимен опис на животот под израелска окупација на Западнито брег, низ портрет на палестински татко чиј петгодишен син умира во тешка сообраќајна несреќа на школски автобус, кога израелските и палестинските спасувачки тимови доцнат поради безбедносните правила.

Музика

„Адаџо (за Вадада Лео Смит)“ од Тајшон Сори, чија премиера се одржа на 16 март 2023 во Атланта, интроспективен концерт за саксофон со голем опсег текстури презентиран во бавно темпо, прекрасен омаж кој е тивко интензивен, базирајќи се на интимност а не на спектакл. 

И останатите наградени тука

7 мај 2024 - 07:23